xenon
εικονοκλάστης
Сообраќајните камери иако кај нас и регионално сеуште се актуелна тема (Сејф Сити), во остатокот од светот тие веќе одамна ја надминаа својата првобитна намена (контрола на сообраќајните навики). Она што почна како алатка за контрола на брзината на движење денес е трансформирано во високо софистицирана мрежа на уреди опремени со АИ способни да ги следат, анализираат и регулираат навиките на милиони луѓе. Освен примарната намера (мониторинг на прекршување на сообраќајните правила) Европските градови главно почнаа да ги користат овие системи (под превез на зелена агенда) за наводно намалување на емисиите на штетни гасови а Кина за тотален биометриски и социјален надзор врз населението. Смарт камерите низ европските градови ги скенираат возилата и ги споредуваат нивните податоци со националните и европските бази за да проверат дали возилото ги исполнува еколошките стандарди за влез во одредена зона. Доколку возилото не ги исполнува пропишаните норми, системот автоматски генерира казна и ја испраќа на домашна адреса. Вакви системи на пример се:
- ULEZ (Ultra Low Emission Zone) во Лондон: Возилата што не исполнуваат одредени Euro стандарди мора да плаќаат дневна такса за да возат во зоната која сега го опфаќа цел Лондон.
- Area C во Милано е зона со наплата за метеж каде камерите го регулираат пристапот врз основа на класата на емисии на возилото. Слични системи постојат и во Рим, Фиренца и други италијански градови под ознаката ZTL (Zona a Traffico Limitato).
- Umweltzonen во Германија: Во градови како Берлин, Минхен и Штутгарт, пристапот е дозволен само за возила со соодветна еколошка налепница (Umweltplakette).
- Crit'Air / ZFE (Zones à Faibles Émissions) во Франција: Париз, Лион и Гренобл имаат строги еколошки зони каде возилата мора да поседуваат обоена налепница на шофершајбната
- LEZ зони во Белгија (Брисел, Антверпен, Гент): Слично како во Франција, странските и домашните возила мора претходно да се регистрираат во базите на податоци за смарт камерите да ги препознаат нивните таблици како одобрени за влез.
- Шпанија (ZBE - Zonas de Bajas Emisiones): Сите градови со над 50.000 жители имаат законска обврска да воведат ниско-емисиони зони контролирани со камери, каде казните за непочитување достигнуваат и до 200 евра.
- Скандинавија (Норвешка и Данска): Осло користи патарини кои се тарифираат според типот на гориво на возилото, додека Копенхаген користи софистицирани смарт камери за целосна забрана на постари дизел возила без филтер за честички.
- Tianwang (天网): Систем кој првично започнува како сообраќаен надзор денес користи вештачка интелигенција за инстантна идентификација на пешаци и возачи преку препознавање лица (Facial Recognition), анализа на начинот на одење (Gait Recognition) и следење на движењето на возилата по нивните таблици.
- Xue Liang (雪亮): Проект кој го проширува надзорот од урбаните средини во руралните области, интегрирајќи ги приватните камери од продавниците и домовите во централизираниот државен систем за безбедност.
Низ Европа, кај голем дел од народот преовладува чувство на немоќ и револт бидејќи овие мерки директно удираат по џеб на средната класа и најранливите. Луѓето кои не можат да си дозволат ново возило се чувствуваат заробени во поглед на движењето по јавните патишта, социјално изолирани и казнети поради својата (финансиска) состојба. Ова дава основ за протести и физички саботажи. Во Англија на пример, има организирано движење т.н. "Blade Runners" кои ноќе ги сечат каблите, ги кршат или ги фарбаат ULEZ камерите за да ги оневозможат да снимаат. Слични герила акции и кршење на камери има и во Франција и Италија што кажува дека фрустрацијата кај дел од јавноста е стигната до точка на вриење. Во Кина пак таму импликациите кај народот се поинакви пред се заради системската репресија врз секој обид за незадоволство. Кај кинезите по ова прашање владее системски прифатена апатија и страв бидејќи народот е сензибилизиран на тоталниот надзор и кај нив веќе е развиен автоцензурен механизам односно луѓето си го контролираат сопственото однесување и гестикулациите на јавно место за да не бидат погрешно толкувани од АИ алгоритмите на камерите. Секој обид за критика на системот се сече од корен преку деактивирање на профилите за плаќање или целосно исклучување на поединецот од секојдневниот живот со помош на социјалниот кредит.
Најстрашна импликација од ова е промената на психолошкиот профил на модерното општество без разлика дали е на Исток или на Запад. Со тек на време младите генерации се навикнуваат на присуство на камерите на секој чекор и го прифаќаат континуинираниот надзор како нормален. Корпорациите и државната апаратура полека и сигурно ја градат инфраструктурата за контрола која веќе не може лесно да се демонтира а тоа што денес се промовира како сообраќајна безбедност или еко-спас за планетата утре станува алатка која диктира каде ќе смеат луѓето да се движат, што смеат да возат и како мора да се однесуваат за да (о)станат дел од општеството.