Стани премиум член и добиј попуст на 2000+ производи и куп други бенефити!

dŵr & пријателите (или тирада за како да не се направи грамофон).

InSides

lurker
21 февруари 2009
775
2.070
Јас правев некои груби пресметки пред извесно време. Според мене, цената зависи најмногу од рачката, и секоја комбинација ја поминува замислената граница од 2000€ :cry:

За жал, денес €2,000 едвај ќе го покријат сировиот материјал (алуминиум 6061, алуминиум 6082, ПОМ, бронза C932, бука/јавор ламинат).

Тоа не вклучува (1) обработка - што е најчесто неколкупати повеќе од цената на материјалот, (2) финиширање, (3) мотор, (4) електроника за контрола на моторот, (5) сталак со неговите материјали.

Исто така не ги вклучува рачките.

Хај-фај е прилично скап кога не си подготвен на компромиси.

Јас имав голема среќа што најголемиот дел од ова е изработено далеку пред после-пандемиските поскапувања, и имав достапност од машинобраварски услуги со достапни цени. Со мајсторот кој ми беше партнер во изработката, заедно се учевме и на техники, и му набавував материјали за вежбање и купував алати.

Да плаќав по пазарни цени, тешко ќе беше ова изводливо.
Мислењето е автоматски споено:

Инаку, што се однесува на изворниот муабет на @xenon - не дека не се обидов да најдам некој модус, ама не од аспект на заработка. Тоа е секогаш речиси невозможно.

Ме фати инает зошто ние немаме локален производител на овакви работи. Од инает и го направив грамофонот, ама тоа е приказна за во кафана со пиво.

Чинам дека единствен современ локален бренд кој може да поддржи оваков производ е Теохаров. При неврзан муабет пред некое време во Аудиокултура им напоменав дека сум подготвен да го редизајнирам само да се произведе и дистрибуира, без никакви барања за профит од моја страна (да, навистина), но некако немаше интерес. Не ми рекоа ни да ни не. :)
 
Последна промена:

InSides

lurker
21 февруари 2009
775
2.070
Плексиглас не е многу поефтин, значително покомплициран за работа во овие толеранции, и вибрационо многу попроблематичен.

Ама отворен сум за дискусија во било која конфигурација што би донела некаков резултат. Но пак ќе речам, за жал нема финансиери.
 

petkotrajko

poweruser
16 јуни 2017
2.560
3.018
Многу интересно „патување“ преточено во занимливо четиво.
Нема да се преправам дека сето од она што е напишано и скицирано сум го разбрал (не сум го де...), ама многу почитувам луѓе што се доследни во замислата и не отстапуваат лесно пред препреките.
Навистина голем подвиг имаш постигнато, и драго ми е што те убедивме да го прераскажиш и тука, за нас.

Симнувам капа!

Keep up the good work!
 

InSides

lurker
21 февруари 2009
775
2.070
Уморни патници, стигнавме до крајот на еден дел од патувањето, наивно обележан со пет чекори како тоа да ќе ме запреше. За ваша среќа (или несреќа, за оние кои мораат да ме трпат), продолжуваме понатаму со грандиозни идеи и половична изведба на истите.

Тема на денешниот дискурс е погон со фрикционо тркало.

Контекст

Можеби најголемата привлечност кон аналогната репродукција за мене е прилично видливата подвоеност помеѓу природата на звукот и концептот на репродуктор базиран на чинија, каиш и мотор. Шокот е неминлив кога ќе се свари дека репродукцијата на грамофонски плочи, концепт кој е неверојатно архаичен во дигиталното доба, речиси секогаш може да се подобри и прилагоди преку нови пристапи во модерни технологии и материјали.

И не е дека немало обиди за драстичен "disruption" - тука е неизбежно да се спомене ласерскиот грамофон на јапонската компанија ELP. Но и покрај таквите напредоци, луѓе (повеќемина) се колнат во архаичен метод на погон на грамофонот, а тоа е фрикционо тркало, на англиски "idler". Делува идиотски просто, звучи страшно застарено, и последен пат кога сум видел такво нешто е кога мотор поврзан на тркало со гума од Фиќо вртеше рингишпил на архаичен луна парк на еден паркинг.

Арно ама (!) еден куп производители повторно размислуваат за такво нешто, има еден куп модели со тој пристап, цените на старите студиски грамофони од тој ков се лудачки (Garrard, Thorens, EMT)...

...и како јас да живеам со себе ако не го проверам тоа.

Погони

Пред да продолжиме со оваа тирада, неколку зборови околу што е она што дискутираме овде. Во основа, постојат три основни начини да се погони чинијата на грамофонот со помош на еден мотор.

Грубо графички прикажано, тоа се овие три:

drives.png


Ќе почнеме од десно кон лево.

1. Direct Drive (директен погон). Најчесто асоциран со грамофони кои се користат од страна на DJ-и и учесници на натревари за turntablism, се работи за погон каде оската на ротација на моторот е порамнета со оската на ротација на чинијата. Потребни се снажни мотори со голем момент на сила, а кога е добро имплементиран, резултат е неизмерна стабилност на брзината и отпорност кон флуктуации. За жал, најголемиот дел не се добро имплементирани, и во тој случај резултатот е брум, нестабилност и голема бучава. За нас тоа не е опција, затоа што (1) добар мотор чини илјадници евра и (2) не може да помрдне чинија од 20+ килограми.

2. Belt Drive (погон на ремен). Најчест тип на погон, затоа што е (1) најблагороден во однос на имплементација и (2) најефтин. Потребен е мал мотор, потребен е еластичен ремен, бучавата е најниска затоа што преносот е преку мека врска и регулацијата е ефтина.

3. Idler Drive (погон на фрикционо тркало). Еден од првите типови на погон, класичен за студиски грамофони. Моторот погонува (директно или индиректно), прецизно тркало со гумен раб, кое притиска на надворешниот или внатрешниот раб на чинијата, и така, преку триење, ја погонува. Прилично тешко за имплементација, бара многу ниска толеранција на обработка на површините, и има голем потенцијал за бучава.

Забелешка - Korf Audio, компанија формирана од страна на голем ентузијаст, врши слободни (достапни) лабораториски тестирања на аналогна репродукција. На својот блог редовно објавуваат детални објаснувања, вклучително и за типови на погони. За повеќе информации, строго препорачувам - од овој момент почнува серијата за грамофонски погони.

Изведба

Не е потребна голема фантазија за да се сфати зошто ременот е најпопуларен начин на погон, и зошто најголемиот дел на дизајнери (тука се вклучувам и себеси иако не се сметам за некаков дизајнер) остануваат на него:
  1. Потребен е мотор со многу низок вртежен момент;
  2. Не е потребна сложена суспензија на моторот или робусни лагери на истиот;
  3. Меката врска преку ременот има вграден капацитет да пригуши многу од проблемите што ги создава малиот неадекватен мотор, и најважно;
  4. Имплементацијата е најефтина.
А тогаш, што е пак потребно за прописен погон со фрикционо тркало?
  1. Прецизно обработени контактни површини за ротациска стабилност;
  2. Многу моќен мотор кој може да издржи нестандардни радијални оптеретувања;
  3. Начин да се осигура постојан притисок на тркалотоl и,
  4. Робусна контрола на вибрации.
И сега, каде е dŵr во сето ова?

За почеток, машинската обработка веќе се придржува до строга толеранција (#1), BLDC моторот кој го користам има затворени лагери со многу висок капацитет на радијално оптоварување (#2), може да ја искористи својата висока маса и цврстина за да оствари постојан притисок на тркалото (#3) и е прилично вибрационо стабилен (#4).

Технички ништо тогаш не ме спречува да се обидам.

Сепак, во согласност со тематиката на оваа тирада, малку мора да се усложни целиот пристап. Затоа, нема да користиме мало фрикционо тркало кое ќе ја погони чинијата. Нормално, тоа би било премногу едноставно и досадно. Всушност, ќе користиме комбинација од (1) мотор, (2) замаец и (3) фрикционо тркало.

Прво ќе изработиме замаец со висока маса. Дизајнот на замаецот е таков да најголемиот дел на масата е поставен кон периферијата, што е и очекувано. Моторот ќе го придвижува замаецот преку краток ремен, а замаецот преку гумен прстен ќе ја придвижува чинијата.

Ова не е првпат оваква идеја да се имплементира, како што е јасно дека веќе и нема нови идеи во аналогната репродукција. Користено пред години од страна на Micro Seiki, а во поново време од страна на VPI, замаецот се користи со цел стабилизација на брзината на ротација со цел смирување на ситните флуктуации (треперење), и намалување на завивањето преку високиот степен на инерција.

Оттука, во прилог составните делови на замаецот.

Y5nLY21.jpg


И еве каде е "стариот" лагер на dŵr. Секако нема поента да се прави наново кога веќе е совршено функционален. Изработен од C932 бронза, осовина од цементиран челик, трусна површина од Vespel SP-21 и керамичко топче со дијаметар 8mm (Si3N4, G5). Основата на замаецот е изработена од алуминиум (6082), како и самиот замаец. Надворешниот дијаметар е 120mm, што значи дека стигнуваме до ~2.6кг ротациона маса со цел замаецот да ја искористи предноста на зголемениот момент на инерција.

Склопување на лагерот во базата дава покомпактен изглед.

rWAQr7f.jpg


Што само го остава затворање на склопот со замаецот и инсталација на прецизниот О прстен.

3rz5Ocb.jpg


Конечно, поставен на работната позиција. Тука е видлив малиот ремен кој го погонува замаецот од моторот, и местото каде замаецот, преку О прстенот ја допира чинијата од надворешна страна.

tbZVJR2.jpg


Принцип

Имав среќа што со чиста маса и груба сила можам да избегнам дизајнирање и имплементирање на прецизен механички склоп за вршење континуиран притисок помеѓу тркалото и чинијата. Замаецот е погонуван со ремен со квадратен пресек, сличен на пристапот на Thorens TD-124, овозможувајќи дополнително ниво на изолација. Регулација на брзината е благодарение на алгоритмот опишан претходно во оваа тема.

Поставив нова каишница, и го променив распоредот на фазите на напојувањата на моторот за да ја променам насоката поради новиот правец на ротација. Пред мерењата, го оставив моторот и склоповите да се стабилизираат неколку часа.

Мерења

Стабилност на ротација. Слично како и претходните мерења, собрав податоци од 160 индивидуални точки на мерење и се обидов да ја утврдам варијацијата на брзината. Земете во предвид дека мерењата се направени посебно и за ремен и за фрикционо тркало, но во двата случаи е користен замаецот - кога се користи ремен, замаецот не допира на чинијата.

За почеток, W&F:

Ремен.

Просечен W&F: 0.0062%
Најлош W&F: 0.0121%
Медијана W&F: 0.0065%


Согласно NAB, се под 0.1% е прифатливо. Во најлошиот случај на мерен W&F, го надминуваме стандард за 8х, а во просек, го надминуваме за 16х.

Фрикција.

Просечен W&F: 0.0081%
Најлош W&F: 0.0164%
Медијана W&F: 0.0079%


Нешто полоши бројки. Но, за колку? Во споредба со NAB стандардот, фрикционото тркало во најлошиот случај го надминува стандардот за 6х, и во просек, го надминува за 12х.

Поларниот плот изгледа вака.

PZOQCiD.jpg



Фрикционото тркало очигледно флуктуира повеќе, но никогаш под 33.325ввм или над 33.335 ввм, што ќе рече дека вкупната варијација во најлошиот случај е ± 0.015% или 0.03 "peak-to-peak", што е, повторно (ветувам за последен пат го спомнувам NAB), барем 5х подобро од стандардот.

Вибрациони карактеристики. Како и претходно, користев iOS апликација која ги чита вредностите на интерните сензори (iPhone X) за да ги споредам ефектите на ременот и фрикционото тркало на ниво на репродуктивната површина.

Ремен лево, фрикционо тркало десно.

0XEE7D5.jpg



Користењето на замаецот и два ремена (мотор кон замаец, замаец кон чинија) е најдобрата вибрациска состојба која овој грамофон ја има видено.

На двата графикони, X и Y оските покажуваат стандарден фрекфентен врв од 0.56Hz, што е еквивалентно на брзината на ротација од 33.(3)ввм - конкретно (33.33 / 60). Дополнително, двата грамофони се релативно комплементарни во пределот под 1Hz. Резонантниот врв на погонот со ремен на Z оската е 0.049Hz - мислам, дај. :)

Фрикционото тркало, од друга страна покажува повисок резонантен врв на Z оската, и некои ситни врвови долж X и Y оските на пределот над 10Hz. Проблемот се должи на лошата обработка на "прецизниот" О прстен. Ова беше првично решено со навистина прецизен прстен изработен локално од специфични калапи, но и со поголема интервенција на чинијата што ќе биде предмет на дополнителна објава.

Со нов ремен:

qTE3VLl.png


И вкупна вибрација:

GgJkJjo.png


Сепак ќе правиме нова чинија, по се изгледа.

Репродукција. Снимив репродукција на единечен тон од 300Hz, ја обработив снимката, изведов FFT спектар врз основа на кој ги утврдив првите 40 хармоници и пресметав THD+N (*).

Ремен.

THD+N: 0.4601% (-46.74dB) (-53.79dBA)

Фрикција.

THD+N: 0.5611% (-45.02dB) (-52.07dBA)

(*) Методот на пресметка и формулите се длабински објаснети во мојот труд за концептот на сила на скејтинг и нејзина компензација. Финалниот труд,
заедно со сите сирови материјали, снимки и податоци се достапни во засебно GitHub репо.

Очекувано, вкупните изобличувања се повисоки со фрикционото тркало. Но како изгледа тоа?

jA5DJCI.jpg


Сликата ги појаснува бројките преку временски тек - изобличувањата се речиси комплементарни.

Звук

И како ова сето звучи?

Постои директна непосредност во музиката со многу мало губење на конечната транспарентност и детали, но тоа само (за мене, во мојот систем) го збогатува уживањето во музиката. Љубителите на детали и оригиналните CD репродуктори веројатно би ме избркале мене и овој грамофон од своите соби, но од друга страна, тие не мора да го слушаат мојот систем.

Долните и средните басови покажуваат слушно збогатување, поголема јачината на звукот, но исто така и на јасноста. Сепак, би било погрешно ако не забележам дека на ова ниво на репродукција, разликите можеби не им вредат на многумина, бидејќи во многу случаи може да бидат само на ниво на научна љубопитност.

Сепак ќе остане во системот.

Одиме понатаму.
 

xenon

wemaxa.com
15 јануари 2011
4.812
12.845
Skopje
wemaxa.com
Тука нормално е дека нема да се најде финансиер, не би се смарале они со вакви работи кога Фонд за иновации треба да дава за што и да дава и да се перат народни пари...но да не не тупиме со негативна енергија си знаеме каде сме.

Но во Кина мислам дека може, а и Кинезите и те како имаат се што е потребно вакво нешто да се реализира, прашање е дали сметаат дека е исплатливо. Моментално Кина не е сеуште на тоа ниво да продава луксуз, но тој циклус е при крај, Xiaomi а и ред други покажуваат дека Кина може да пласира и да се натпреварува рамо со рамо во елитистички кругови.

Фино би било да се почне, и онака не може да заврши ова на производна линија за 2 години ако би се почнале преговори од сега. (R&D дополнително, организација на алати за производство итн.)
 

kirev

senior
31 мај 2010
9.091
7.780
Наводно гореспоменатата фирма има земено субвенции за иновации, па затоа спомнав субвенции...
 

Metuzalem

Tootle Puffer
28 ноември 2010
7.679
13.738
1000 Скопје
Metuzalem's setup  
Processor & Cooler
i7-2600K @4,6 GHz, Noctua NH-D14
Motherboard
ASUS P8Z68-V/GEN3
Storage
Samsung 840 Pro 256 Gb SSD, Samsung Spinpoint F3 1 Tb
PSU
CM 600W Silent Pro Gold
RAM
Kingston @1866
Video card
Radeon HD 7750
Case
HAF 912 Plus
Mouse
ASUS ROG GX950
Keyboard
Filco Majestouch-2, Logitech G710+
Audio
Realtek ALC892
Monitor
Viewsonic VX2753MH-LED
OS
WinServer2003, Win7 x64
@InSides Што музика слушаш? Кои плочи се ставаат на грамофон што вреди колку половна (или не? :oops: ) кола? Дали имаш некои приказни за ретки плочи?
 

InSides

lurker
21 февруари 2009
775
2.070
Но во Кина мислам дека може, а и Кинезите и те како имаат се што е потребно вакво нешто да се реализира, прашање е дали сметаат дека е исплатливо.

Презаситен е пазарот, особено со елементи од Кина - долго време лупаат грамофони. :) Ама убава замисла е, иако тешко верувам дека ќе се оствари.

Наводно гореспоменатата фирма има земено субвенции за иновации, па затоа спомнав субвенции...

Да, на еден од првите конкурси, но не сум сигурен дали за производство или за самата веб презентација.

@InSides Што музика слушаш?

Ако се водиме според колекцијата на грамофонски плочи, распоредот е, грубо, следниот:
  1. Џез - 52%;
  2. Електроника - 18%;
  3. Рок - 16%;
  4. Soundtracks - 6%;
  5. Блуз - 5%;
  6. Вокали - 3%.
Кои плочи се ставаат на грамофон што вреди колку половна (или не? :oops: ) кола?

Тука оди една директива од СФРЈ - и да е старо, може да се носи, само да е перено и пеглано. Преведено, важен ми е квалитетот и зачуваноста на плочата. Најголемиот дел (значително голем дел) се набавени како нови. Без разлика, секоја плоча пред репродукција е подложена на детален режим на чистење со помош на модифицирана вакуум машина.

Плочата е многу издржлива од физички аспект. Значително потрајна како архивски медиум од многу постоечки медиуми, особено од магнетофонска лента која се распаѓа само од стоење. Плочите траат многу децении (историски квалитетно се слушливи плочи од пред 70+ години) без да покажат било каков степен на дегенерација, се додека се складираат правилно.

Дали имаш некои приказни за ретки плочи?

Јас сум многу пофокусиран на квалитетот на репродукцијата, а тој дел од хобито дискофилија генерално се фокусира на плочи кои се посакувани од аспект на приказна наместо квалитет.

Во основа немам некои плочи, со чесни исклучоци, кои се ненабавливи.
 

Banjifiko

poweruser
28 октомври 2008
3.966
6.062
Skopje
Кажи си слободно. Да се има пристојна колекција на винили (подразбирам солидни пресови, добро сочувани копии и избор на наслови за мерак) е едно многу скапо хоби. Не е поентата било што да се земе колку да се има нели?
Мојата колекција е скромна со некои 350-на примероци, ама сум се трудел да оддржам извесно ниво на истата. А кога ќе размислиш, и тука лежи една кола на старо...
 

InSides

lurker
21 февруари 2009
775
2.070
Слично е на IT тријадата:

1766599261684.png
Квалитетна колекција ќе чини или многу време или многу пари. Јас ја градам интензивно 15+ години, во спротивно не се постигнува дури ни со сите пари на светот.

П.С. Имаше еден (сега веќе покоен) бизнисмен од Скопје, познат аудиофил, кој имаше навика да пропатува до трулиот капиталистички запад и да се врати со 1,000+ плочи наеднаш. Не знам дали би сакал такво нешто да правам, дури и да ги имам (а ги немам) таквите можности.
 

InSides

lurker
21 февруари 2009
775
2.070
И тука некаде во патувањето стигаме до една специфична испорака, која бараше транспортна палета.

Се работи за сиров материјал, алуминиум 6082, во единечен блок со димензии 350мм х 350мм х 120мм, и сирова маса од 40 килограми. Но пред да дискутираме за што би се користел, неколку ситни промени на грамофонот, нешто естетски, нешто функционални.

Капак

За потсетување, новата кутија за моторот, во моноблок изведба, доаѓа со интегриран капак со засеци за ременот.

JhdeEUC.jpg


Проблемот во тој капак е двоен - (1) поради имплементација на погонот со фрикционо тркало, новата каишница и новиот ремен се поставени под агол кој е поостар, и сегашните засеци не можат да се користат.

За разлика од постоечкиот капак, се префрлив на POM од причина што (1) естетското усогласување е поедноставно, и (2) POM не ѕвони како алуминиумот за да произведува фантомски звуци.

Во прилог нешто што опасно личи на пепелник:

RbWg9lr.jpg


И, на работното место:

FwfgmgQ.jpg


Подлошки

Првично, ногарките на грамофонот налегнуваа на алуминиумски подлошки со интегрирани керамички топчиња (Si3N4). Таквиот пристап вршеше работа, но чувствував дека има уште што да се извлече од аспект на вибрациски пригушувања.

Во прилог новиот дизајн на подлошките:

P5jqysT.jpg


Се работи за подлошки кои се состојат од две половини, изработени од POM, во кои се сместени лабави керамички топчиња со дијаметар од 4мм. Подлошките се ротираат околу себе и го зголемуваат нивото на пригушување.

Тегови

Првично, теговите и останатите слободни делови на грамофонските рачки беа финиширани со TiN превлака. Но како минеше времето, започна да ми пречи бојата која е надвор од било кој OEM изглед на рачките, и се косеше со останатата палета.

Но, во еден момент, ми стана достапен процес на пониклување, па во комбинација со други елементи, го добивме ова:

Image-from-i-OS-3.jpg


И склопено на рачките:

Image-from-i-OS-2.jpg


Процесот вклучуваше (1) отстранување на претходната пресвлека, (2) фино пескарење со стаклена прашина, (3) побакрување, (4) пониклување.

Оваквата завршна обработка е значително поблизу до фабричката, и како таква, останува.
 

InSides

lurker
21 февруари 2009
775
2.070
И во пресрет на наредната објава, односно џабе работи со парче од 40кг алуминиум, џабе не седи...

Image-from-i-OS-3-Copy.jpg


...или, како да се зголеми ротациска инерција за 2.15 пати, со зголемување на ротациската маса од само 1.6%.
 

InSides

lurker
21 февруари 2009
775
2.070
Чинија + Чинија

Пред да продолжиме со опскурни полурешенија на неортодоксни идеи, неколку параграфи околу причините за постоечкиот пристап. За разлика од најголемиот број на стандардни грамофони, кои користат една единствена чинија за поставување на плочата и за репродукција на истата, јас решив, и во оригиналната изведба, да користам две чинии, една над другата.

Во комерцијалниот свет денес, во основа чиниите се или тенки и лесни, или дебели и масивни. И обете имаат свои предности и недостатоци - лесните чинии пружаат помал отпор но имаат помало пригушување на вибрации, тешките чинии имаат значително пригушување на вибрациите, повисока инерција што ќе рече помала високофрекфента модулација, но побаруваат поснажни мотори и посложени методи на регулација на брзината.

Па во обид да се искористат предностите на обата типа, но со анулирање на недостатоците, велам да ги користам двете истовремено. Ова не е револуционерен пристап (напоменав дека нема ништо ново во аналогната репродукција) само што не е изведен на оваков начин.

Мојата почетна идеја беше да најдам начин оската на лагерот да има речиси непостоечки контакт со површината за свирење. Обично осовините на лагерот се директно допрени на самата плоча, што ги пренесува сите вибрации од лагерот на репродуктивната површина, па еден начин да се минимизира бучавата од лагерот е да се елиминира таа контактна површина. Еден пристап е целосно магнетен лагер при што чинијата ќе левитира, но јас се воздржав од тој пристап бидејќи сметам дека треба да постои механичко заземјување. И затоа, лагерот опишан пред неколку објави, е толку предимензиониран.

Првичниот систем чинии беше дизајниран така што лагерот е во контакт само со долната чинија (со голема маса), а површината на плочата контактира само со лесна и мека површина што лежи на долната чинија.

Сега, постојат вградени компликации во тој пристап. Не може да се направи горната чинија толку тенка колку што сакав (како подлога) бидејќи би немала никаква цврстина. Па затоа првично се одлучив за минимална дебелина од 15 mm, и потпора со три точки од висококвалитетни керамички топчиња поради нивната носивост, како и многу високото ниво на сферичност што гарантира што е можно помал контакт.

Што се однесува до материјалот, алуминиумот беше јасен избор за чинијата со голема маса бидејќи е обработлив, достапен и немагнетен. Едно време размислував за бронза, но не успеав да ја видам предноста од додавање близу три пати поголема маса на чинијата, а да не зборувам за превисоката цена на материјалот (само потребниот бронзен сиров материјал би бил над €2.000).

За горната чинија, сакав да експериментирам со PVC бидејќи сметав дека ќе биде што е можно поблиску до вистински плочи, особено од вибрациска гледна точка. Ама проблем - PVC е токсичен при обработка. Ги тестирав сите различни популарни алтернативи - стаклото не беше во ред, акрилот едноставно звучеше мртов (но е евтин и лесен за обработка, па разбирам зошто толку многу производители го користат), дури пробав и PTFE (тефлон), но на крајот се одлучив за POM бидејќи беше што е можно поблиску до PVC, а направен е строго за машинска обработка и е термостабилен и хигростабилен.

И сега, назад во сегашноста, грамофонот формално доби нов систем на поврзани чинии.

Контекст

По неколку години користење на грамофонот со оригиналниот дизајн, и дефинитивно по постепеното ажурирање на клучните компоненти на погонот, последната ставка што ја одложував е новиот систeм на чинии. Велам систем наместо чинија, бидејќи се состои од две одделни чинии кои работат како една преку директно спојување. Ова е слично на стариот систем на чинии објаснет погоре (алуминиумска чинија со голема маса + ПОМ чинија со мала маса + спојување на три точки со употреба на керамички топчиња).

Зошто нов систем?
  1. Стариот систем на плочи беше компромис помеѓу достапноста на материјали (суровини) и недостатокот на напредно искуство во машинска обработка;
  2. Отворениот концепт на стариот систем дозволуваше потенцијално негативно вибрационо влијание;
  3. Плочата од POM, бидејќи е доста тенка, флуктуираше во структурата и концентричноста поради флуктуации на температурата и влажноста (впива вода, кој би знаел).
Со тоа, на што се надеваме?
  1. Новата алуминиумска чинија треба целосно да ја опфати чинијата од POM во вградена внатрешна празнина, за да ја заштити и нејзе и самата репродукција од потенцијални паразитски вибрации и делумни температурни варијации;
  2. Новата чинија од POM треба да биде подебела за да се зголеми цврстината и термичката стабилност;
  3. Вкупната маса на системот треба да биде слична на сегашната за да се задржи калибрацијата на погонот;
  4. Вкупната ротациона инерција треба да се зголеми, се надеваме, најмалку двапати;
  5. Зголемена прецизност на обработката со распон на отстапка од или околу 0,01 mm.
Како

Повеќето од желбите од оваа листа сега се сосема остварливи поради подобрата достапност на материјали и малку повеќе искуство во машинската обработка, па затоа е полесно да се насочи вниманието кон зголемувањето на ротационата инерција. Во согласност со принципите на замаец, ротационата инерција на цилиндарот, со мали промени во масата, може да се промени со директна прераспределба на споменатата маса. Кога масата се поместува кон работ на цилиндарот, а радиусот на цилиндарот е малку зголемен, резултатите можат да бидат многу интересни.

Новата чинија со голема маса е изработена од едно парче алуминиум 6061, со димензии 350 mm х 350 mm х 120 mm.

Димензиите на завршената чинија се - дијаметар од 330 mm и вкупна висина од 110 mm. Поголемиот дел од масата е поместен кон работ на чинијата, додека самата чинија е длабоко издлабена за да се смести чинијата од POM. Долната страна на чинијата е скалесто обработена за да се помогне во расипување на вибрациите и да се монтираат магнетните маркери кои помагаат во контролата на брзината на ротација.

По изработката, чинијата е завршено обработена со мат елоксација.

Image-from-i-OS-11.jpg


Новата чинија со мала маса е изработенa од едно парче POM со димензии 310mm x 310mm x 60mm.

Димензиите на завршената чинија се со дијаметар од 296mm и вкупна висина од 50mm. Поголемиот дел од масата е поместен кон работ на чинијата. Долната страна на чинијата е скалесто обработена за да се помогне во расипување на вибрациите и монтирањето на керамичките топчиња што и овозможуваат на оваа чинија да се потпира на чинијата со голема маса.

Горната страна е издлабена во длабочина од 1 mm и дијаметар од 100 mm со цел ослободување на простор за етикетите на грамофонските плочи.

Image-from-i-OS-10.jpg


Двете чинии се споени преку три керамички топчиња, Si3N4 G5, со дијаметар од 3 mm. Таквото спојување гарантира најмал број на точки на допир поради високата сферичност на топчињата. Кога чиниите се споени, видлив е канал од 5 mm по должината на внатрешниот раб на чинијата со голема маса, додека чинијата со мала маса штрчи вертикално за 2 mm.

Во исто време, POM чинијата е со малку помал дијаметар од стандардна грамофонска плоча, а чинијата со голема маса е обработена под мал агол, што помага полесно да се ракува со плочите.

Image-from-i-OS-4.jpg


Резултати

Чинам дека ги задоволивме барањата, но да одиме постепено.
  1. Опфаќање на чинијата со мала маса. Новата алуминиумска чинија е 40 mm повисока од старата (зголемување од 57%) и речиси целосно ја обвиткува новата чинија од POM. Како што е предвидено, новата POM чинија штрчи за околу 2 mm (само 4% од вкупната висина е видлива). Дијаметарот сега е 330 mm (зголемување од 3%), со што вкупната маса на плочата е 14.85 kg (зголемување од 2%).
  2. Поцврста чинија со мала маса. Новата POM чинија е за 35 mm повисока од старата (зголемување од 320% или повеќе од три пати). Дијаметарот е 296 mm (намалување од 8%), со што вкупната маса на новата плоча со мала маса е 3.69 kg (зголемување од 217% или повеќе од два пати).
  3. Вкупната маса на системот близу до претходната. Стариот систем има вкупна маса од 17.15 kg, како резултат на плочата со голема маса (14.56 kg), плочата со мала маса (1.69 kg) и бронзените спојки (0.9 kg). Новиот систем има вкупна маса од 18.54 kg, поради отстранувањето на бронзените спојки. Вкупната маса на системот е зголемена за 8%, што е во рамките на очекуваните граници.
  4. Зголемување на ротационата инерција за два пати. Стариот систем има униформна распределба на масата, со што вкупната ротациона инерција за тој систем е 0.221 kg.m2. Новиот систем има маса распределена близу до работ на чинијата, со што вкупната ротациона инерција на системот е 0.485 kg.m2, што е зголемување од 220% или повеќе од два пати.
  5. Зголемена прецизност на обработка со распон од ±0,01 mm. Користев Mitutoyo компаратор градуиран на 0.005 mm. Вкупното отстапување на системот резултираше со занемарливи движења на бројчаникот, кој е речиси на ниво на површинска прашина - отстапувањето од концентричноста во рамките на ротацијата на грамофонот (хоризонтално и вертикално) е помало од 0.01 mm.
Впечатоци

Функционално, резултатите се сосема очекувани. Сметам дека новиот систем естетски подобро се вклопува со остатокот од грамофонот поради промените на другите компоненти, особено по додавањето на погонот со фрикционо тркало и замаец. Ротационата маса е слична, со што претставува мал дополнителен предизвик за погонскиот систем, иако се чини дека брзината на ротација сега полесно се одржува за време на репродукцијата (лесно видливо од логовите на погонски систем).

Звучно, бев малку изненаден од резултатите. Знаев дека сакам да го направам ова најмногу од визуелниот аспект, па не очекував премногу звучни промени. Сепак, се чини дека оваа промена направи најголем чекор напред од сите структурни промени што сум ги направил досега. Вкупното ниво на бучава на системот е многу забележливо намалено - до тој степен што за време на неколку снимки, ги проверив поставките на кертриџот на грамофонскиот предзасилувач повеќе од неколку пати. Постои леснотија и флуидност во репродукцијата, директен и многу силен контраст со бруталноста на елемент од 20 kg кој ротира 33 пати во минута.

Одиме понатаму.
 

InSides

lurker
21 февруари 2009
775
2.070
Со следнава објава, решаваме проблем кој се појави со решавање на проблем кој не постоеше. Ако ви звучи идиотски, не е погрешно напишано, така е.

Кога го имплементирав новиот систем на плочи, согласно претходната објава, се одлучив за поголема висина од репродуктивната површина. Ова значи дека грамофонските рачки треба да се подигнат за најмалку 15 mm за удобно користење и правилна ориентација.

За да го направам тоа, имам начелно само два пристапи:
  1. Целосно да ги редизајнирам трите основни столбови на грамофонот (огромен напор што речиси сигурно ќе ја уништи вкупната естетика); или,
  2. Соодветно на висината, да изработам повисока плочка за монтирање на рачките од барем 20 mm.
И ако не ви беше јасно од досегашните пишувањата, не одбрав ниту една од двете единствени опции.

Од причина што користам грамофонски рачки со отстранливи носачи на кертриџи, и имам повеќе комбинации на носачи + кертриџи, утврдив дека номиналното вертикално растојание помеѓу врвот на цевката на тоновите рачки и врвот на иглата за репродукција варира, понекогаш и до 3 mm. Секој пат кога ќе сменам кертриџ, треба да ја променам висината на рачката. А секој што некогаш користел SME 3012 знае колку стандардното решение на интерна завртка е сложено, тешко се достигнува и често е непрецизно.

Идеално, би постоело комерцијално решение кое би обезбедило (1) лесно достапно, (2) повторувачко и (3) прецизно поставување на висината на рачката. Многу рачки сега ја имаат таа можност вградено. Дури и мојот сопствен дизајн, претставен претходно во оваа тема, има одредби за промена на VTA во движење, користејќи бронзена завртка со фин навој. Но, SME не е мој дизајн и не би сакал да модифицирам ниту еден од деловите на рачката.

Подолго време сум фасциниран од употребата на лесно достапна микрометарска глава од страна на Џеф Спол (Аудиомодс), но неговиот пристап беше исто така прилагоден само на неговата рачка. Има други комерцијални основи, но сите бараа рачката да се модифицира. Било кое од тие решенија треба да може да ги задоволи овие три параметри:
  1. Да не побарува трајна модификација на грамофонската рачка;
  2. Да овозможи прецизно, повторувачко движење на рачката во вертикалната оска; и,
  3. Да ја задржи можноста на движење на рачката напред + назад, што е вградена опција на SME 3012.
И од причина што сметам дека ако малку се чукне глава ќе се најде решение, го направив ова.

70Zujho.jpg


И од другата страна:

oQLe5Xz.jpg


Се работи за високопрецизен механизам за промена на висината на грамофонска рачка од семејството SМЕ. Oвозможува (1) лесно, (2) прецизно и (3) во постојаност да ја менувам висината на рачката во опсег од 12 mm. Без да бара модификација на рачката или губење на вградените опции.

Поглед на составните делови:

sageS1g.jpg


Рачката е монтирана на горната плоча која содржи врежувања што овозможува да функционира лизгачка можност на SME 3012. Долната плоча има впуштени дупки за употреба на повеќе видови завртки за прицврстување на рачката, две пиксни од PTFE за водечките столбови што го стабилизираат движењето на рачката вертикално и фиксен лагер што го олеснува работењето на главата на микрометарот.

Механизмот е направен од алуминиум 6082 за плочите и завртката за заклучување, PTFE за лизгачките пиксни, POM за капачето на лагерот и бронза за водечките столбови. Завршната обработка е со мат елоксирање. Лагерот е стандарден лагер со димензии 5x11x5, а микрометарската глава има врв од 9.5 mm.

Работи многу подобро отколку што очекував и ги исполнува потребните услови, а воедно ја задржува цврстината на монтирање.

Еве го решението на лице место:

oIlIR9e.jpg


И уште една заматена фотографија:

Fuq1tSQ.jpg


И, финално, од причина што можеби на некој друг ќе му заштедам фрустрација, полниот модел со сите потребни информации е достапен во сопствено GitHub репо.

Содржи и модели за машинска обработка, и нов модел за 3D печатење кој функционира одлично:

MsbJwoK.jpeg

IsW2Rcs.jpeg

За денес доволно, од утре одиме понатаму.
 

JasSum

poweruser
8 мај 2007
2.661
3.253
Ти благодарам за се ова.
Мислев дека јас сум пицајзла, ама ти си друго ниво.
 

InSides

lurker
21 февруари 2009
775
2.070
Е сега...

За среќа, (1) цените на SME 3009 се качуваат, и (2) нема повеќе слободни места за рачки, во спротивно ќе бев во искушение да направам уште една.

Нараторот: Но беше во искушение. се ослободија места за рачки затоа што едната рачка отиде кај пријател, и цените не се качија толку страшно, и уште една SME 3012 си најде тука место. Но за тоа, потоа.

Па еве го потоа.

1.jpg


И наеднаш се три.

2.jpg


Уште еден поглед од горе.

3.jpg


Веќе заличува на денешната состојба.

Грамофонската рачка реставрирана на идентичен начин како претходните две, со сите придружни детали во претходна објава.
 

InSides

lurker
21 февруари 2009
775
2.070
Време за промена на тркала и гуми.

viber-image-2023-06-29-16-40-48-338.jpg


Ова беше во фаза на планирање веќе некое време - привршување на естетските промени грамофонот и сталакот согласно новите насоки поттикнати од системот чинии, лагерот и нови знаења од последните неколку години. Вклучува нови ногарки на грамофонот и кутијата за електроника, нови ногарки на сталакот, нови завршни капачиња и лагерски пикски.

Веќе нема мек челик никаде. Целиот хардвер сега е изработен алуминиум 6082, тврдо елоксиран, со вградени керамички топчиња со висока сферичност. Тенките рамни пиксни се изработени од PTFE (тефлон), а горните капачиња се изработени од POM (Delrin). Сите површини на кои се очекува допир се лесно изрезбани за подобар фат (мислам дека локалниот мајсторски термин е радловани - англискиот термин е knurled).

Целосно расклопен е целиот систем, подложен на длабинско чистење, бидејќи немаше друг начин да се заменат ногарките на сталакот.

По склопувањето, го имаме ова - што е речиси завршеток на процесот за сега.

viber-image-2023-06-29-16-40-50-072.jpg


За крај на циклусот, уште една објава подоцна.
 

xenon

wemaxa.com
15 јануари 2011
4.812
12.845
Skopje
wemaxa.com
Феноменално. Јас лично само би одел со стакло за масиче, без дрво, единствено дрво да биде тоа на грамофонот така да некој тип на стаклена маса и едно светло од доле едно од горе како spotlight врз грамофонот (3000-4000К) и некоја централна позиција не во ќош.

Btw - бакарни цевки а не алупласт а, буржоазија :)
 

InSides

lurker
21 февруари 2009
775
2.070
Последна објава во која има структурни + естетски промени во системот.

Контекст

Кога почнав со дизајнот на грамофонот, решив да користам метрички машински завртки насекаде. Од различни причини, вклучувајќи различни концепти на естетика естетика и општа достапност, се одлучив за завртки со црна оксидна завршница.

Но, како што знае секој што некогаш ракувал со таков тип на завртки, таа "завршна обработка" нема никаква заштита од 'рѓа, а контакт со масла на кожата и влага во воздухот, дури и во посува клима како нашата, неизбежно води до видлива 'рѓа. Неврзано со ова, таквите завртки се магнетни а тоа е генерално проблем при користење на грамофонски глави со подвижни навртки (moving coil).

Настрана и естетиката, и магнетизмот, потенцијално најголемиот проблем е електрохемиска реакција помеѓу завртките и алуминиумот што во неколку случаи доведе до електрохемиско заварување на неколку елементи. Среќа што се работеше за мал навој па со малку сила и топлина се одвоија деловите. Оваа појава е присутна често при монтирање на алуминиумски тркала на возила со стари завртки.

Локално, изборот повторно беше, освен црните, пониклувани завртки. Никако. Секогаш ми се допаѓал изгледот и функционалноста на бакарните завртки, но мислев дека се ценовно недостижни.

Но не и на Али. Порачав мала количина за примерок, и сосема очекував дека се работи само за побакрени завртки. Но исеков неколку на половина и утврдив дека се целосно изработени од бакар.

Следно, нарачав еден куп и се фатив за работа. Користев два типа на завртки, конусни (countersunk) и полутопчести (button head), во две големини - M3 и M4.

Резултати

Прво на ред, држачите за грамофонската рачка. Она што е видливо е основата за механизмот VTAF опишан во детали погоре:

IMG-8757.jpg


Фиксирање на моторот во кутијата за мотор:

IMG-8768.jpg


Блокот за монтирање на лагерот вметнат во дрвената основа (водете сметка дека се гледа само 1/3 од вкупната висина на лагерот):

IMG-8770.jpg


И, финално, кутијата за погонска електроника:

IMG-8776.jpg


Што ги остава само грамофонските рачки. И тука користев безглавени завртки (set screw) финиширани во црн оксид.

Не успеав да најдам бакарни безглавени завртки. Но најдов, и порачав, безглавени завртки од нерѓосувачки челик, со врв од тврд најлон, со што нема веќе да се оштетуваат завршните површини, плус ќе се добие дополнително одвојување.

Видливо овде:

IMG-8772.jpg


Вкупниот пресек на завртки изнесува:
  1. M3 бакарни конусни имбус завртки - 22 парчиња;
  2. M4 бакарни конусни имбус завртки - 30 парчиња;
  3. M3 бакарни имбус завртки со полутопчеста глава - 12 парчиња;
  4. M3 безглавени завртки од нерѓосувачки челик со врв од тврд најлон - 22 парчиња;
  5. M2 конусни торкс завртки од нерѓосувачки челик - 6 парчиња.
Никаква промена на звукот, нормално. Но барем се осигуруваме дека нема да има појава на рѓа ниту на електрохемиско заварување.

Последната, ама навистина последна во контекст на изработка, објава подоцна денес - маркирање на финалната состојба на грамофонот.
 

InSides

lurker
21 февруари 2009
775
2.070
Имаме два пристапа:
  1. Да пресметам колку мене ме чинеше, што е крајно нерелевантно поради тоа што (1) работено е во тек на речиси 6 години, (2) голем дел од трошоците се компензација со мајсторот и заедничко работење, (3) дизајнот никако нема да можам да го пресметам освен во работни часови, (4) цените на материјалот се значително променети, (5) цените на работната рака се значително променети; или,
  2. Да седнам после празници со техничките цртежи и да пресметам колку би чинел целосно кога сега би се правел, со тоа што и сега уживам делумно повластени цени и за материјал и за работна рака.
Јас би рекол дека опција #2 е порелевантна, првата опција е бесцелна исто како "купив 32GB RAM во јануари 2025".
 

InSides

lurker
21 февруари 2009
775
2.070
Во последните десет минути од денес, ветената последна објава - финалната форма на dŵr.


Конфигурација (1) EMT Tondose TSD MRB (стерео), (2) EMT Tondose TMD 015 (моно), (3) Ortofon 2m 78 (шелак):

IMG_6237.jpeg


Конфигурација (1) Audio Technica AT33 PTG/II (стерео), (2) Audio Technica AT 33 Mono (моно), (3) Ortofon 2m 78 (шелак):

IMG_9586.jpeg

Веројатно доволно е за приказнава.

На тие што издржаа до крај, I salute you.
 
членови онлајн
мислења
теми
членови

Последни теми

Последни огласи

IT.mk/market понуда

Бесплатна достава на 3000 производи
На врв Дно