xenon
εικονοκλάστης
Ме интересира дали и други имаат ист впечаток, за тоа дека интересот за ПЦ хардвер е драстично опаднат во споредба со тоа што беше пред 20-25 години. Крајот на 90ти и почетокот на 2000ти буквално имаше луѓе што со денови ќе расправаат кој процесор е подобар, која матична има подобар чипсет, кои мемории се покажале добро за клокање, кои драјвери даваат повеќе FPS во одредена игра. Се читаа ривјуа, се следеа тестови, се споредуваа температури, напони, латенции. На хардвер форуми секој ден излегуваа нови теми и дискусии. Денес како тоа го нема - на форумов се збори за се освен за хардвер. Исто е мање више и кај нас и на странски форуми. Порано секоја нова генерација процесори/графички итн беше а-у. Денес ќе излезе нов процесор, нова графичка, нов чипсет никој не се смара.
Мислам има повеќе причини за ова. Една е што ПЦ-то не е веќе нешто посебно. Генерации растат со компјутер, лаптоп, таблет и телефон уште од првиот ден. За некој што денес има 15 години компјутерот не е фасцинантна машина што треба да ја отвори и истражува. Тоа е само уште еден уред како фрижидер или телевизор. Работи и толку. Втора работа е што денешниот хардвер е многу помалку интересен за чепкање. Некогаш со малку знаење можеше да извлечеш сериозни перформанси. Имаше процесори што одеднаш стануваа многу поскапи модели само со малку оверклокување, премостување на контакти со графит (молив - АМД Дурон), итн. Имаше отклучување јадра, модификации, разни трикови. Денес од фабрика максимално ги бустаат компонентите. И саати да потрошиш да измолзиш неколку % добивка на крај ќе добиваш повеќе топлина отколку фајде.
Цените после крипто треската а посебно моментално со АИ моментот направија свое. Искрено, кој денес сака да експериментира со графичка што чини колку половна (нова?) кола? Некогаш повеќе луѓе можеа да си дозволат да купат нешто средна класа, да пробуваат, да расипат па и да научат нешто. Поинтересно ми е што не исчезна само ентузијазмот туку и целата култура околу него. Многу форуми се мртви и многу хардверски сајтови изгубија публика. Колку луѓе денес читаат долги ревјуа воопшто? Големите имиња од минатото се заборавени. Некогаш редовно се отвораа сајтови како AnandTech за да се прочита нов тест или анализа. Денес грото луѓе ако и бараат информација ќе изгледаат некое десетминутно видео (или по ново 60 секунди тик-ток / инста / јуџуб шорт) и решена е. Порано ентузијастите сакаа да знаат што има под хаубата. Денес повеќето ги интересираат некои језиви бесплатни игри (валорант, фортнајт, роблокс ??) или видевца како некој се прејадува (или стрима додека го прави тоа). Никој не се смара што има во куќиште.
И пазарот се смени. Некогаш ПЦ-то беше "центарот" дома, денес најголем дел од времето луѓето го поминуваат на телефони. Ако телефонот е примарен уред за огромен дел од населението, нормално е интересот за ПЦ хардвер да паѓа. Сепак, не можам да се оттргнам од впечатокот дека денес има многу помалку љубопитност околу компјутерите отколку порано. Како хардверот да стана невидлив. Го користиме повеќе од кога било, ама зборуваме за него помалку од кога било.