• Важно
    Имате проблем со најава или регистрација на it.mk?
    Побарајте го решението на вашиот проблем ТУКА!

KISS Launcher

moongose

Unstoppable
19 јули 2013
3,198
3,781
KISS Launcher

На програмов налетав сосема случајно и откако прочитав што е решив да го испробам. После само 2-3 дена користење ми стана незаменлив.

Се работи за ланчер за андроид кој работи на принцип на индексирање и пребарување. Програмов не е за корисници кои сакаат разни џиџи-миџи од типот теми, икончиња, ефекти, анимации и слични керефеки. Ова е за корисници кои претпочитаат минималистички дизајн и продуктивност. Топло го препорачувам.

Програмот е замена за системскиот или било кој друг ланчер. Веднаш по отклучување на телефонот или со доаѓање на основниот екран од некоја апликација, ве пречекува листа со програми и отворена тастатура. Листата може да ја сочинуваат последно отворените програми, најчесто користените, последно користените сортирани по азбучен ред или според навиката на користење.

Со пишување на букви, се појавуваат сите програми што ги содржат тие букви. Програмот ги помни внесовите и одбраните ставки, така што по кратка употреба, веќе по првата буква ќе ви го предложи бараниот програм.

Покрај имињата на програмите може да се индексираат и кратенките до програмите, сетинзите од телефонот како и имињата од контактите со што по истиот принцип може да се пребарува и низ именикот на телефонот.

Можат да се дефинираат и пребарувачи, така што внесениот поим директно да се пребарува со одбраниот пребарувач, при што се отвора соодветната програма ако е таква дефинирана. Напр. ако одберете пребарување на јутуб, се отвора апликацијата за јутуб.

На секој програм може да му се додадат тагови, со што се креираат динамички групи на програми. Бидејќи истовремено може да се дефинираат повеќе тагови, еден програм може да припаѓа на повеќе групи. На овој начин може да се дефинираат и категории со подкатегории на програми. Таговите се пребаруваат на истиот начин како и останатите ставки. Со одбирање на таг, добивате листа со сите ставки на кои е додаден тој таг. Таговите може да се додадат и како фаворити или во брзото мени кое е достапно на трите точки. Фаворит може да биде која било ставка и се појавува како иконче под листата со сите (или филтрираните) ставки.

Со задржување врз одредена ставка се отвора мени, во кое покрај стандардните опции ги има и опциите за додавање/бришење од фаворити, уредување на таговите и преименување. Ако имате некој програм чие име постојано го заборавате, може лесно да го промените името и да му ставите име лесно за паметење.

Преку брзото мени може да се пристапи до подесувањата на програмот, на телефонот и таговите. Кругот ги прикажува сите програми по азбучен ред, а до овој приказ може да се пристапи и со лизгање лево или десно.

Ланчерот поддржува и виџети, но за да се прикажат треба да се активира опцијата за минималистички интерфејс, со што веќе не е достапна листата на најчесто (или последни) користени програми, затоа што тоа место го зафаќа виџетот.

Има и вграден калкулатор, односно ако се внесе аритметички израз се пресметува резултатот.

Доколку не сакате да се раздвоите од постоечкиот ланчер, може да се користи и како обичен програм. На овој начин не се достапни кратенките на програмите, другото е речиси исто.

Ланчерот е исклучително брз и мал. Бесплатен е, без реклами и има отворен код. Достапен е на Гугл плеј и F-droid.




Сликиве се од интернет (ме мрзеше да правам скриншоти) и се од постара верзија и не ја прикажува моќноста на програмот во цело светло.

kiss-launcher_553045_full.jpg kiss-launcher_998142_full.jpg kiss-launcher_741662_full.jpg
 

Нови мислења

Последни Теми

Статистика

Теми
44,189
Мислења
879,747
Членови
30,814
Најнов член
SandraNikola
На врв Дно