1. Здраво и добредојдовте на форумот на IT.mk.

    Доколку сеуште не сте дел од најголемата заедница на ИТ професионалци и ентузијасти во Македонија, можете бесплатно да се - процесот нема да ви одземе повеќе од 2-3 минути, а за полесна регистрација овозможивме и регистрирање со Facebook и Steam.
    Сокриј

Електронски цигари за апсолутни почетници

Дискусија во форумот 'Електронски цигари' започната од Metuzalem, 21 Јуни 2019.

  1. Metuzalem

    Metuzalem
    Epic

    6,276
    11,375
    28 ноември 2010
    Машко
    Tootle puffer
    Најчесто поставувани прашања за електронските цигари

    Темава е замислена за брзи одговори без многу пребарување за почетници или за луѓе кои досега немале скоро никаков допир со електронските цигари. Повеќе информации можат да се најдат во темите, а заради едноставност, засега нема да линкувам премногу до тие места, па на некој начин може да се каже дека ова е субјективно, или „верувајте ми на збор“, но сметам дека исказите овде се општоприфатени во заедницата и повеќето искусни корисници би се согласиле со нив. Повторувам, подетално за секое од овие прашања има во темите, како и евентуална дискусија за или против тие тврдења.


    --------------------------------------------------------------------------


    - Чув/прочитав/гледав дека електронските цигари биле многу штетни?

    Се разбира дека се поштетни од дишење чист воздух, но се многу помалку штетни од „аналогните“ цигари. Според некои сериозни установи, ризикот од рак и/или срцев удар е 95% помал од оној кај аналогните цигари.

    - Но еве најново истражување што вели дека електронската цигара предизвикува ужасни болести!

    Досега имаше многу такви истражувања со такви негативни резултати, од кои подоцна сите се покажаа како местени. Не неточни сами по себе, туку спроведени во услови кои не одговараат на реалноста и никогаш не би се случиле при нормално користење. Можеби е случајно, но тоа е тешко веројатно. И што е најинтересно и не престанувам да се чудам, секој месец упорно излегува ново и секогаш го демантираат. Некои од тие истражувања имаме опфатено во темите, особено во оваа, а можат да се најдат и во индексот.

    - Ама немој сега па и ти, тоа се сериозни научници и истражувањата се објавени во сериозни списанија!

    За жал, на дело е спрега меѓу тутунската индустрија која финансира/поткупува на сите страни (од очигледни причини, загуби), не треба да се занемари и фармацевтската индустрија (драстичен губиток на приходи од средства за одвикнување или лекови), политичарите (даноци!), креаторите на политики во здравството (губат влијание), новинарите (желни за сензационализам), научниците (желни за слава како спасители на човештвото - откриле нова опасност - или само за нови извори на финансирање), „загрижените родители“ кои би сакале да ги заштитат децата од опасноста (која е минимална во споредба со другите потенцијални опасности или алтернативата)... Повторувам, тие со најмногу пари и најголем интерес од забраната/ограничувањето на електронските цигари ги поткупуваат сите други во низата и резултатот е неоправданата стигма на електронските цигари.

    - Кажи што ќе кажеш, ама не можеш да ме убедиш дека таа хемија е здрава!

    Не е здрава, туку е помалку штетна од аналогните цигари. Тука се работи за намалување на ризикот. Течноста за електронска цигара се состои од само четири компоненти, две од кои нашироко се употребуваат во прехраната и фармацијата и се сметаат за безбедни, за никотинот нема доволно докази дека е штетен сам по себе (освен што многу привремено покачува притисок) и се експериментира со негово користење за терапија на Алцхајмерова болест; и на крај аромите што се користат во прехранбената индустрија. Но да, тие се единствената компонента што не е доволно испитана како се однесува при високи температури; открија некои што создаваат штетни продукти при испарување и повеќето ги повлекоа.

    - Абе природно си е природно! Ене дедо ми виткаше тутун во весник и живееше 108 години!

    Тој можеби пушел по две-три цигари на ден и имал голема физичка активност на чист воздух. Но добро, без претпоставки, она што е докажано е дека современите цигари што ги купуваме од трафика содржат 4000 штетни хемикалии (некои викаат и 6000), некои од нив се адитиви за создавање поголема зависност/побрзо горење и така натаму. Дури и тутунот за виткање не е баш чист. И најважната разлика: тутунот согорува и најштетните продукти (дури и од најчистиот тутун) се последица на согорувањето, додека кај електронската цигара нема согорување, туку течноста се загрева и испарува.

    - Ништо не ти верувам, не е можно да се толку подобри од обичните цигари!

    На форумов, буквално сите што пробале, биле упорни и издржале, веќе во првиот месец почувствувале здравствени бенефити од намалувањето/елиминирањето на аналогните цигари. Сведоштва можат да се најдат во индексот, некои и поткрепени со медицински документи.

    - Што се овие глупости, или пушиш или не пушиш! Еве, јас многу лесно се откажав! Треба само јака воља!

    Не секој има јака воља или другите медицински средства/помагала му делуваат. Ова е еден начин за намалување на внесувањето на штетните состојки, кои ги има во изобилство во аналогните, и обид за откажување, но за многумина е начин за продолжување на „уживање“ во никотинот без многу од штетните материи.

    - Ама слушам дека многу скапи биле електронскиве!

    Дури и со цените кај нас, што се високи во однос на светот, може да се истера да биде поевтино од аналогните. Или најчесто еднакво, или пак во најлош случај малку поскапо, но да не заборавиме дека здравјето нема цена.

    - Викаш скапи се кај нас? Но јас сакам да пробам/видам пред да купам, да имам гаранција и не ми се чека нарачка од странство!

    Ништо од тоа, младичу/девојко, морам да ја критикувам единствената или најголемата продавница кај нас што работи кампањски и главен проблем е што најчесто нема ништо вредно на лагер, или кога има брзо ќе го снема (а тоа ти треба во моментот, па треба да чекаш да дојде шлеперот). За гаранција не знам како е сега, но порано не признаваа гаранција на ништо, а продавач(к)ите појма си немаа од електронски цигари и не знаеја да објаснат ништо. Освен цената, проблемот е што немаат некој голем избор, односно навидум имаат, но тоа се модели што решиле да ги увезуваат меѓу морето други, веројатно затоа што се застапници на некој бренд, па според мое мислење не вреди да ги плаќаш дупло или тродупло од оние од Кина кога не се дупло или тродупло подобри од нив, туку се баш истите - ги ребрендираат.

    - Добро, ај да им дадам шанса! Каде да најдам некоја евтина колку за проба?

    Од една страна, тоа е валидно размислување - да не фрлаш премногу пари во нешто во што не си сигурен; меѓутоа, од искуство (од многумина што пробале и се разочарале), на почетокот треба да вложиш малку повеќе во добра опрема за да нема непријатни изненадувања. И тоа, тој трошок воопшто не е преголем, околу 40 долари за некој од препорачаните комплети плус малку течност - тоа е приближно месец дена по кутија аналогни дневно. Тоа исто така ќе ти трае еден месец, а со аналогните на крајот на месецот нема да ти остане ништо, освен недајбоже болест, додека овде имаш опрема и течност што во случај да не ти се допаднат можеш да ги продадеш или подариш.

    - Ама јас го видов на Јутјуб овој ѕвер од опрема/го најдов за евтини пари/другар ми го има и го сакам баш тоа!

    Внимавај, постојат два начини на користење на електронската цигара, повеќе за тоа овде. Бидејќи производителите се натпреваруваат кој ќе извади помоќна ел. цигара, повеќето модерни комплети, дури и тие што ги рекламираат за почетници, се прејаки за нив.

    - Не заебавај, зар оној од Јутјуб би лажел?!

    Ууууу, не да лажат, туку сушат. Добро, не лажат директно, ама производителите ги поткупуваат со опрема (за пари не се знае) и секогаш ги фалат производите. Секој нов производ е нешто дотогаш невидено и најдобро на светот, а во реалноста не се разликува скоро воопшто од претходниот. Не се „купени“ со вредноста на производите, туку ако не ги фалат, производителите нема да им праќаат нови и нема да можат да објават први видео и губат монетизација од Јутјуб или воопшто смислата на нивното постоење (зошто го прават тоа).

    - Па тогаш што ги рецкате тие од Јутјуб, зошто воопшто гледате и линкувате нивни видеа?

    Корисно е да видиш како изгледа некоја опрема детално и одблиску, особено нова, а ако пристапиш со сознание дека се поткупени, можеш да ги дешифрираш недостатоците на опремата (често ги кажуваат во завиена форма, треба да читаш меѓу редови). Или гледаш без тон...

    - Добро, батали тоа, туку која електронска цигара ја препорачувате на форумов и зошто баш таа?

    Endura T18 или Endura T22. Исти се, само втората е поголема, со поголема батерија и собира малку повеќе течност, па речиси сигурно ќе ти трае цел ден. А зошто... Накратко, таа се појави во момент на развојот на електронските цигари кога беше една од последните за усно (што личеше на аналогна), а доволно моќна, со добар вкус, заштити, траење, едноставност на работа... Повеќе информации за неа овде. И најважно, досега им беше прва електронска на најмалку дваесет души од форумов и сите се согласуваат дека е достојна замена за аналогните и дека лесно успеала да ги преобрати.

    - Ама гледам дека порано препорачувавте други! Што стана со тие?

    Ego AIO се` уште може да се најде во светот и во нашите продавници и иако е послаба од Ендура, со малку упорност може да заврши работа за одвикнување од цигари. Проблемот со неа е што е замислена да биде „девојка за се`“ и не се истакнува за ништо, па е лоша или просечна во двата начина на употреба на електронската цигара (усно и дробно). Но може да помине ако ептен нема ништо друго. Додека Еводот, или „препорачаниот почетнички комплет“ од почетокот на првата тема за електронски цигари, е дебело застарен и веќе имаше научни испитувања дека поради неговата конструкција може да предизвика штетни испарувања ако грејачот не му е натопен (а може да не биде натопен). Со внимавање тоа можеби може да се избегне, но зошто кога има подобри од него во секој поглед. Се разбира, има и многу, многу други, ама кој ќе ги знае сите? Овие се проверени.

    - Не, не, овие ми се преголеми, сакам тенко стапче да ме потсетува на обична цигара!

    Поради тоа што се напојуваат од батерија, а технологијата уште не измислила тенка/мала батерија по пристапна цена што ќе трае долго/цел ден, подобро е да биде што поголема/подебела за да не се мачиме со полнење во текот на денот или да ни прекине кога најмногу ни треба. Сепак и тие не се премногу големи (ова за некого е дискутабилно, но тоа е што е).

    - И што ми треба друго освен електронската цигара?

    Резервни глави (грејачи) и течност. Прво за грејачите: Кај секоја електронска цигара настанува загорување на грејачот по долго користење; тоа е неизбежно, како што е неизбежно на грејач на бојлер да се фати бигор. Ова не е бигор, туку главно се карамелизирани/загорени остатоци од аромите и/или ВГ-то. Не се знае дали се премногу штетни, но штом така лошо изгледаат, веројатно се, и го намалуваат или влошуваат вкусот, па грејачот мора да се промени.

    - Ама ене колешкана 8 месеци не сменила грејач и вика дека и` е супер!

    Колешката веројатно не знае што да очекува од вкусот, или не ја забележала промената затоа што таа е многу постепена, или се плаши да ја отвори „да не расипе нешто“.

    - Е, кога се менува грејач?

    Најубаво можеме да забележиме кога ќе се намали вкусот или тој ќе стане премногу остар (непријатен). Како што реков, тоа доаѓа многу постепено и многу лесно може да се пропушти, но и тоа не е страшно и да се користи загорен грејач некое време, под услов да не е премногу загорен. Друга работа, да не се изненадите ако од заменските се погодат два или три лоши (на пример од пакување од пет) и тие веднаш даваат лош вкус или течат. За жал, кај Кинезите контролата на квалитет е многу слаба и можеме само да ги прежалиме парите (но сепак не се многу пари). Во просек се менува на 2-3 недели, може да биде една, може да бидат пет (зависи од начинот на користење и од течноста).

    - Добро, а што е таа течност и од каде да ја најдам?

    Течноста е она што го „трошиме“ (што испарува) и таа ќе треба постојано да се набавува. Набавката или наоѓањето добра течност засега е голем проблем кај нас затоа што во нашите продавници и аптеки повеќето течности се наменети за постарите типови ел. цигари (ретки се, со 70% ПГ) и можат да протечат во Ендурата или другите посовремени комплети или да даваат лош вкус. Има некои што не се такви, но тие се поскапи, ретко се наоѓаат, или немаат добар вкус (како за кого).

    - И што сега?

    Може прво да се проба со тие течности сами по себе; ако има проблеми да им се додаде глицерин од аптека (бараме со најголема можна чистота, да не е само за надворешна употреба). Колку? За почеток, 1/3 глицерин, 2/3 од течноста. Следна солуција би била да се нарачуваат од Кина или од други земји. А најдобро (за почеток) би било да се набави од некои од „куварите“ на форумов.

    - Ама вие само сакате да ми продавате течности! Цело време ме местите за ова!

    Како прво, на форумов, а и на интернет, има споделено и може да се најдат упатства за тоа како сам да си правиш течност; тоа никој не го крие. Меѓутоа, за почетници може да биде опасно бидејќи никотинот во големи концентрации е отров. Најчесто тој што може да се набави не е во толку големи концентрации, но се приближува до тоа. Исто така, почетници ретко можат да „убодат“ од прва да направат добра течност. Потоа, домашна течност скоро секогаш е подобра од купечка (тие што можат да се најдат кај нас); дали штедат во купечките, па ги разредуваат, или нешто друго е во прашање, не знам, но повеќето вејпери се согласуваат дека е така. И на крај, домашните течности се секогаш поевтини од купечките (иако не можам да тврдам во име на тие што продаваат, мислам дека и тие се). Ако тоа се` уште те интересира по некое време, лесно можеш да почнеш да си правиш свои течности.

    - Кажи сега некоја добра тутунска течност, како замена за цигара?

    Повеќето почетници го прашуваат тоа; за жал, таква не постои. Поради различната природа на користење (согорување наспроти испарување) невозможно е да се доловат баш сите елементи од цигарата и доживувањето да биде сосема исто. Но со малку упорност (и фантазија) може да се дојде многу блиску до тоа; или, како што повеќето прават по некое време, да се ужива во илјадниците нови и подобри вкусови што ги нуди електронската цигара.

    - Ама на шишенцево пишува банана, а оваа течност мене ми има вкус на крофна!

    Се случува, човековите сетила се чудна работа. Многу често иста течност на различни луѓе им асоцира на различни работи. Дали е поради рецепторите за вкус или нешто друго, не се знае. Затоа е многу пожелно во прво време да пробуваме повеќе различни течности за да најдеме што ни одговара. Исто така, секој човек има различен вкус (за јадења), па тоа што му се допаѓа на еден не мора да значи дека ќе му се допадне на друг. Друга работа, сетилото за вкус по извесно време користење електронска се менува (се прочистуваш и ти се враќаат мирисот и вкусот?), па не фрлај течности што не ти се допаѓаат, туку пробај ги пак по некое време.

    - Како да одберам јачина на никотин за почеток?

    Кај посовремените комплети што ги препорачуваме, Ендура и сличните, повеќето почетници се задоволни со никотин 6-ка (обележување: 6 mg/ml, односно во еден милилитар течност има шест милиграма никотин), но има и многу луѓе што сакаат појако, 9-ка, 12-ка и погоре, а некои и послабо. Не може да се каже со сигурност, не е исто како кај аналогните, имаше некои што пушеле само light цигари, а бараа јака течност. Тоа е уште една причина на почетокот да се пробуваат повеќе течности со различни јачини, но обично брзо наоѓаме што ни одговара. Организмот сам ни кажува, ако сме претерале има симптоми на никотинско труење како од цигари (што се решаваат со прилегнување, одмарање, пиење многу вода), а ако ни е слаба течноста, чувствуваме желба за повеќе или дури и да запалиме цигара.

    - Набавив доста течности, како да ги чувам?

    Најголеми непријатели им се светлината и топлината. Значи, да се чуваат на темно и ладно место (не мора премногу ладно, нормална температура како за човек). Задолжително подалеку од деца и миленичиња, да не им текне да ги испијат па да се отрујат. Ако течноста е ептен тазе „смучкана“, можно е и потребно е да се остави некое време да „узрее“ (да се спојат состојките и да се развие вкусот), исто на нормална температура и на темно. За купечките тоа најчесто не важи, но понекогаш помага да изветреат непријатните мириси ако ги има (тогаш се остава со отворено капаче). Чување подолго од 6 месеци во фрижидер, за помалку од тоа нема потреба.

    - Добро, пробав и засега е во ред, но морам/сакам и да запалам понекоја цигара со кафе!

    Имаше истражувања дека не е добро да се меша, односно така ги попримаш најлошите работи од двете, а не најдобрите, па по мое мислење не е препорачливо. Со малку упорност, и тоа многу малку, можеш да ги откачиш аналогните засекогаш. Од друга страна, секое намалување на аналогните е добро, па можеби не е толку страшно да се меша... ако занемариш дека така си ги намалуваш и шансите да ги откачиш аналогните.

    - Аха, па тогаш ќе намалувам никотин и брзо ќе ги откачам и електронскиве!

    Добро планче, меѓутоа во реалноста не оди секогаш како што замислуваме. Сепак никотинот создава зависност, и тоа доста јака (има и физичка и психичка компонента), па не е лесно така брзо да се откачиш од него. На некои им требале повеќе месеци или дури и години намалување, а некои не успеале да се откачат. Процентот на успешност на откажување на никотин со електронски е малку поголем од методот cold turkey (да ги фрлиш цигарите и веќе никогаш да не запалиш ниедна), но сепак не е преголем.

    - Чекај, па јас сум непушач и мислам да користам течности без никотин!

    Подобро не ни почнувај, батали таа работа, што ќе ти е ова.


    Продолжува...
     
    На bicikle, zdrnik, gokica и уште 10 други им се допаѓа ова.
  2. Metuzalem

    Metuzalem
    Epic

    6,276
    11,375
    28 ноември 2010
    Машко
    Tootle puffer
    (резервирано)
     
    На AlexanderMK и OldSchoolPvP им се допаѓа ова.
  3. Metuzalem

    Metuzalem
    Epic

    6,276
    11,375
    28 ноември 2010
    Машко
    Tootle puffer
    (резервирано)
     
    На AlexanderMK и OldSchoolPvP им се допаѓа ова.
  4. Metuzalem

    Metuzalem
    Epic

    6,276
    11,375
    28 ноември 2010
    Машко
    Tootle puffer
    (резервирано)
     
    На AlexanderMK и OldSchoolPvP им се допаѓа ова.
  5. krema

    krema
    Professor

    9,265
    8,996
    24 Јуни 2009
    Машко
    (резервирано) :)

    Бриши инаку :D
     
    Последна промена: 21 Јуни 2019
    На Metuzalem му/ѝ се допаѓа ова.

Сподели

Вчитување...